Вонредни времиња бараат вонредни акции, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард.
ЕЦБ најави вонредна програма за купување обврзница во вредност од 750 милијарди евра во обид да им помогне на економиите да ја надминат финансиската криза предизвикана од пандемијата на новиот корона вирус. Мерките беа поздравени од Германија и Франција.
„Вонредната пандемиска програма за откуп“, како што оваа европска институција ја нарекува програмата,, ќе вклучува купување обврзници од јавниот и приватниот сектор, се вели во соопштението на ЕЦБ.
„Вонредни времиња бараат вонредна акција. Нема граници на нашата посветеност кон еврото. Решени сме да го искористиме целиот потенцијал на нашите алатки во рамки на нашиот мандат“, напиша Лагард на Твитер.
Одлуката за откуп на обврзниците била синоќа телефонски договорена со членовите на Одборот на ЕЦБ, како одговор на критиките дека ЕЦБ не подготвила доволно мерки за ублажување на ефектите од епидемијата на новиот корона вирус.
Одлуката на ЕЦБ веднаш беше поздравена од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот министер за економија Петер Алтмаер.
– Целосна поддршка за вонредните мерки донесени од ЕЦБ, рече Макрон, додавајќи дека сега треба европските земји да се вклучат и да ги засилат буџетските интервенции за да покажат поголема финансиска солидарност.
– Монетарниот стимул треба да покаже дека Европа е одлучна да ја надмине кризата предизвикана од вирусот, рече Алтмаер.
– Се надевам дека со овие мерки ќе им се стави до знаење на берзите и пазарите дека Европа ќе ги заштити своите интереси и дека Европа е одлучна да ја надмине оваа криза, рече германскиот министер за економија.