Израел и Либан го прифатија договорот за прекин на огнот за да се стави крај на борбите на Израел со Хезболах, објави американскиот претседател Џо Бајден.
Тој рече дека „Израел не ја почна оваа војна“, а ни либанскиот народ.
– Од почетокот на војната со Хезболах, повеќе од 70.000 Израелци и над 300.000 Либанци беа принудени да живеат како бегалци, рече тој.
Бајден објасни дека договорот стапува во сила во 4 часот наутро по локално време.
– Борбите преку израелско-либанската граница ќе престанат. Ова е осмислено како траен прекин на непријателствата. Она што остана од Хезболах и другите терористички организации повеќе нема да смее да ја загрозува безбедноста, истакна американскиот претседател.
Претходно израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека израелската Влада вечерва на владина седница официјално ќе изгласа примирје со исламистичката група Хезболах со која е во војна повеќе од една година.
Во обраќање до јавноста тој рече дека ова не е крај на војната, додавајќи дека нема крај на војната додека сите Израелци кои избегаа поради ракетните напади на Хезболах во изминатата година не се вратат во своите домови на северот на земјата. Тој исто така рече дека Израел сега ќе се фокусира на заканата што ја претставува Иран.
Нетанјаху го почна својот говор обраќајќи им се на жителите бегалци од северен Израел, велејќи дека е горд на нивната истрајност и издржливост. Тој рече дека благодарение на храброста на израелските одбранбени сили се постигнати големи успеси. Според него, акцијата на ИДФ ја одразува моќта на Израел на Блискиот Исток.
– Во Либан, Хезболах повеќе не е истиот, рече Нетанјаху, додавајќи дека израелската војска убила високи команданти и Насрала, поранешниот лидер на Хезболах.
Израел, исто така, уништи инфраструктура на Хезболах и „нападна клучни цели“, додаде тој. Нетанјаху истакна дека ги „гледа сите седум фронтови“ и „пошироката, поголема слика“ и оти е „решен да му донесе победа на Израел“.