– Уставните измени нема да се донесат под ново репреговарање и под нови облигации. Треба да бидат усвоени, согласно одредбите од т.н „француски предлог“, велат за Фронтлајн – политички аналитичари, зборувајќи за тоа дали парламентарното мнозинство има план Б за уставните измени и кога може да се очекува нивно одобрување.
– Лично сметам дека ќе нема уставни измени, барем во догледна иднина, односно владата и премиерот ќе опстанат на овие ставови, дека вакви устави измени под „уцени и ултиматум нема да има“. Од друга страна, бугарската официјална политика, нема да се помести ни за милиметар и едноставно ќе останеме заглавени со години во тој расцеп. Прашањето е до кога етничкоалбанските партии ќе даваат легитимитет на интеграција на Македонија во српскиот свет, наместо во продолжение на европските интеграции и полноправно членство во ЕУ, изјави Благојче Атанасоски за Фронтлајн.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Дритон Зенку смета дека уставните измени ќе се изгласат на првата половина од мандатот на оваа влада.
– Уставните измени станаа услов кој не може да се надмине. Официјално Скопје има само два избора, земете или оставете. Премиерот тоа многу добро го знае. Во моментов има доцнење, но конечно решение се уставните измени. Овој услов ќе биде исполнет во првата половина од мандатот на оваа влада, истакна Зенку во изјава за Фронтлајн.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се има подготвеност за носење на уставните измени, но нагласи дека, пораката е јасна – носењето на уставните измени не треба да служи само за отворање на процесот.
– Ние мора да знаеме дека тој процес ќе заврши и кога. Со ова, настојуваме да го осигуриме процесот од отпочнување до завршување на преговорите. На ова инсистираме, бидејќи, во случај на повторна блокада понатаму, надежта помеѓу граѓаните ќе се изгуби во голема мера и ќе биде тешко да се убедат граѓаните дека ние еден ден ќе завршиме во Европската Унија. Цврсто веруваме дека овие три фази, извршени со доследност и решителност, на крајот ќе резултираат со напредок, вели Мицкоски.
Оцени дека неодамнешните состаноци со високите меѓународни претставници ја зајакнале важноста на дијалогот, но, истакнува, дипломатијата во овој случај не е за попуштање под притисок, туку за активно ангажирање на нашите меѓународни партнери за да се осигураме дека перспективата на државата е разбрана.
Дестан Јонузи