За жал може да се констатира дека Северна Македонија не се занимава со својата интеграција во ЕУ, туку со интеграција во т.н. „српски свет“, истакна Ивон Величковски лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија, во разговор со Фронтлајн, како одговор на прашањето – Каде е Македонија на полето на евро-интеграциите?
„Институционално, Собранието не ја спроведува единствената задача на државата за продолжување на преговорите за полноправно членство – дополнувањето на заедниците во Преамбулата, согласно нашиот уставен концепт на почитување на колективните права на бугарската, египќанската, хрватската, словенечката, црногорската… заедница. И во тоа парламентарното мнозинство и мнозинство од парламентарната опозиција имаат постигнато премолчана согласност – ниту коалициите на ВМРО-ДПМНЕ ниту на ВЛЕН ниту на СДСМ не иницираат постапка и предлог за дополнување на Уставот“, вели Величковски.
Ако до сега се одмеруваа кој прв ќе се осмели да се одвои од предизборните позиции, нагласува тој, сега, неподнесувајќи го потребниот амандман тие исцртуваат една премолчана коалиција со иста цел – држење на Северна Македонија надвор од ЕУ.
Величковски вели дека во услови кога Албанија го отвори второто преговарачко поглавје, а Црна Гора е уште понапред во преговарачкиот процес, со ова поведение Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН со логистика на СДСМ со сите сили ја држи Северна Македонија настрана од recoupling-от со Албанија во преговорите до средината на 2025 и го спречува потенцијалниот бран на проширување на ЕУ во 2030 барем со овие три држави од Западниот Балкан.
„Затоа, забележете – веќе никој од Брисел не се „заморува“ со нас: таму им е јасно дека овие политички актери во Скопје се против европска интеграција на Северна Македонија и сега оставаат на граѓаните да одлучат до кога ќе ги толерираат ваквите свои партии, политичари и функционери. Дозволете да предупредам и на следното: Ова прашање е пред се пред Македонците. Ниту Албанците ниту припадниците на другите народи во Северна Македонија не се веќе подложни на манипулација и не можат да бидат користени од системските партии и нивните контролирани медиуми како причина или повод за „дестабилизација“. Со 1997 и гостиварските и тетовските настани земјата требаше да остане вон „Агендата 2000“, со 2001 Скопје требаше да се оддалечи од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, со кумановските настани 2015 Скопје требаше да остане во надлежност на Белград за уредување на односите со Приштина. Ваквите „операции“ требаше да ги компримираат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во една политичка целина за произведување на „Република Македонска“ по теркот на Република Српска – затоа што унитарноста на Северна Македонија е пречката за коридор на „српскиот свет“ (како екстензија на руските и кинеските геостратешки интереси) до Солун и потоа до Источниот Медитеран Затоа Движењето за нова република го истакна рокот 15 јануари 2025: партиите кои до тој рок не покренуваат постапка за уставното дополнување – се согласни со ваквата тенденција и практично одработуваат преуредување на државното уредување, спротивно на интересите на македонскиот народ и на нацијата на Северна Македонија. И со нив нема за што натаму да разговараме“, вели Величковски..
За тоа дали поврзувањето со српскиот свет го кочи евро-интегративниот процес, Величковски потенцира дека тоа го кочи и нагласува дека го кочи и целото општество во Северна Македонија, особено македонското општество.
Опасностите на кои предупредив погоре носат неминовни последици за нашата нација, вели тој
„Што подолго Северна Македонија е вон ЕУ и несуштинска членка на НАТО, толку повеќе Скопје се сведува на обичен логистички центар на Белград и соучесник во прекинувањето на европската и евроатланската економска, безбедносна, одбранбена и политичка целина во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Северна Македонија, односно одработувач на геостратешките интереси на Москва и Пекинг. Најтешките последици од ова ќе ги поднесе македонскиот народ. Настрана поддршката на скопските студенти за нивните колеги во Белград, Нови Сад и Ниш – забележете ја парализата на политичко Скопје во однос на студентските протести во Србија. Покрај политичарите, слободно вбројте ги тука и „интелектуалците“, „академиците“, „професорските пленумаши“ и сл.“, истакнува Величковски.
– Ве прашувам, вели тој, зарем е логично што во политичката јавност веќе втора седмица сум осамен во јасната и јавна симпатија за студентите ширум Србија, нивните родители и професори, земјоделците, уметниците и сите оние припадници на демократската јавност во Србија кои веќе со недели протестираат барајќи владеење на правото во нивната држава? Односно колкава е таа зависност во Скопје од политиката на Вучиќ?
„Логичен одговор е: огромна. И секој што на таквите принципи има обврска да ја држи Северна Македонија блиска до праксата и политиката на Вучиќ – ја легитимира проекцијата на „српскиот свет“ од која ниту Вучиќ како претседател на Србија ниту Владата на Србија што ја предводи неговата партија не се има дистанцирано или откажано. Ова „политичко Скопје“ се плаши оти знае дека процесот не е ограничен на Србија. Барањето за владеење на правото во Србија е всушност судирот меѓу концептите на србијанската политика – на новата генерација на нацијата и државата Србија (и српскиот народ во неа) со магловитиот концепт на пансрпството во кое државата е само средство на тајкуните и нивниот организиран криминал со државно покровителство. Оттука, неспротивставувањето на политичко Скопје кон „српскиот свет“ е придонесот на нашите тајкуни преку нивните партии во Владата и Собранието и преку нивните медиуми „од оваа страна на Табановце“ – со иста цел. Затоа конкретна задача им е да се спречи евро-интегративниот процес на Северна Македонија, кога веќе не им успеа да останеме вон НАТО“, потенцира Величковски.
Заеднички интерес, на обете југо-советски (читај: српско-руски) тајкунерии, нагласува Величковски, е спречувањето на процесот на консолидирање на нациите и во Северна Македонија и во регионот, бидејќи нациите се дел од модерната дефиниција на државите како одговорни чинители на меѓународното право, но и инструменти на владеењето на правото во сопствените граници. И, враќајќи се на состојбата во Северна Македонија – како што гледаме, начинот за тоа е да се спречат преговорите за членство во ЕУ преку спречување на дополнувањето на Преамбулата.
Редакција Фронтлајн