Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Дозволете ми да споделам една моја објава на Фејсбук што ја напишав на англиски, но сакам да ја објавам и овде. Се работи за фотографија од средба меѓу пријатели и колеги, во ресторан – писатели, професори и новинари – која беше симната (без дозвола) и е повторно објавена на Х во навредлив контекст со цел да предизвика омраза.
Следеше бура од омраза, навреди и закани. Во коментарите може да се забележат повици за насилство, затворање, па дури и смрт. Каква објава, такви коментари – очекувано.
Ова е само уште еден во бескрајната низа докази за тоа како омразата е всадена во општеството, а смртните закани станаа норма на социјалните мрежи. Уште еднаш, ова ја открива токсичната клима во која живееме и работиме.
Ова не е некој невообичаен напад. И не е голема работа, ако се однесува само на нас неколкумина на таа фотографија. Сме виделе и полошо. Но, важно е да се истакне дека, не само оваа поединечна објава, со омраза и коментари со закани, туку овој вид на јавна комуникација, поттикната од центрите на авторитарна моќ, претставува напад врз слободната мисла, врз демократијата и врз правото да постоиме без страв.
Да повторам – нападот се извршува врз основа на само една фотографија од средба на неколку пријатели и колеги во ресторан, на разговор, закуска и пијалок!
Имам порака за сите кои истураат омраза и вакви закани.
Нема да се повлечам. Одбивам да бидам заплашуван.
Нивниот бизнис е говор на омраза, поттикнување на насилство и егзекуции.
Продолжуваат со обидите да ги замолчат критичките гласови. Тоа е валкан бизнис.
Знам дека повеќето луѓе се пристојни. Знам дека големо мнозинство луѓе ја осудуваат омразата и насилството. Без оглед на тоа колку изгледаат тивки, свесен сум дека им пркосат на примитивните и насилните начини на комуникација. Останувам уверен дека ќе дојде време кога архитектите на стравот и заканите ќе одговараат.
Јас цврсто стојам. Нема да ме замолчат. И не сум сам во оваа борба.