Земјава се најде на третото место во Европа според поскапувањето на лебот, покажаа последните податоци на Евростат, информираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Бараат од Владата да ги прифати нивните предлози за укинување на ДДВ-то на основните прехранбени производи, за зголемување на минималната плата и платите во останатите ресори и да се преземат мерки за контрола на цените на храната и енергенсите.
– Огромна е скапотијата, граѓаните се борат да преживеат и да ги задоволат основните потреби а владата не презема ништо. Цените на основните производи се вивнати до небо, потрошувачката кошничка за само еден месец поскапи за 400 денари и достигна рекордни 63.000 денари. Ова е директен резултат на погрешните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои ги фаворизираат богатите елити, а ги забораваат граѓаните, посочија од СДСМ.
Нагласија дека големата скапотија и високите цени ги изедоа приходите на македонските семејства и сметаат дека тоа е закана за зголемување на сиромаштијата.