Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши и министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, му ја честитаа победата на парламентарните избори од 9 февруари на актуелниот премиер на Косово, Албин Курти.
Сè уште не нема реакција од опозициската Демократска унија за интеграција, иако нејзиниот лидер Али Ахмети на еден ден пред изборите повика да се гласа за косовските опозициски партии.
– Изборите во Косово сведочат за зрелоста на народот на Косово, а изборниот процес ја покажува сериозната заложба на институциите за транспарентност и демократија. Искрени честитки до мојот пријател, Албин Курти, за достоинствената победа на Движењето Самоопределување на парламентарните избори во Косово! Овој резултат ја претставува довербата на граѓаните во однос на неговата визија за развојот и безбедноста на Косово, како и нивната благодарност за неговиот успешен мандат на чело на владата, се вели во честитката на првиот парламентарец на Северна Македонија.
Гаши им честита и на граѓаните на Косово. – Се надевам дека нивниот глас ќе придонесе за унапредување на социјалната заштита, како и за европската иднина на државата.
– Северна Македонија останува посветена на продлабочување на соработката, а нашите пријателски односи остануваат непоколебливи, наведува Гаши во честитката.
Министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на дел од Алијанса за Албанците ги оцени како добри резултатите што ги освои Движењето Самоопределување, на актуелниот премиер Албин Курти на парламентарните избори во Косово и изрази очекување дека тој ќе ја предводи идната влада самостојно или во коалиција со некоја од партиите кои влегуваат во Парламентот.
– Добри резултати, околу 42-43 проценти, плус треба да се избројат гласовите од дијаспората. Очекувањата нивни се околу 45 проценти, и се надевам дека ќе направат самостојно влада. Но и да не направат, мислам дека со коалицирање најверојатно г. Албин Курти (ќе ја предводи владата), бидејќи има доверба највеќе од сите. Втората и третата партија заедно имаат помалку гласови отколку г. Курти. На Косово му е потребно г. Курти да продолжи уште четири години со владеење, смета Таравари.
И вицепремиерот на Владата на Северна Македонија, Арбен Фетаи, упати честитка до премиерот на Косово, Албин Курти за победата на неделните избори.
– Кога сите беа против, народот го направи победник! Честитки, Албин Курти! Срдечни честитки до Албин Курти и Движењето Самоопределување. Оваа победа е јасен доказ дека десницата триумфира и покрај нападите, клеветите и пропагандната машина. Беа мобилизирани медиуми, платени платеници, разузнавачки служби и очајни политички фигури, но народот на Косово зборуваше јасно и одлучно. И меѓу сите напади, не можеме да не споменеме еден конкретен напад, кој беше повеќе од сериозен. Али Ахмети го повика народот на Косово да не се става „во ист пакет со Русија и Белорусија“. Човек кој самиот се обидуваше да го задржи Груевски на власт, кој две децении ја држеше државата изолирана, кој владееше со луѓе од американските црни листи, одеднаш излезе да држи предавања за меѓународни односи и прозападна ориентација. Да не беше за смеење, ќе беше за плачење! Затоа, денеска имаме само една порака за Албин: добра работа премиере“, вели во својата пишена објава на социјални мрежи Фетаи.
„Премиерот на Косово (Албин Курти) не се снајде најдобро за интервенцијата што ја направи и за задоволството што им го создаде на антиалбанците во Северна Македонија“.
Ова меѓу другото го истакна лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на партиска средба во Студеничани, Скопје.
„Премиерот на Косово интервенираше за албанскиот јазик во Северна Македонија. Неговата интервенција беше неоснована. Беше толку понижувачки што ме згрози кога ги слушнав најголемите антиалбанци како велат: „Видете, премиерот на Косово вели дека албанскиот јазик не е официјален во Македонија. Албанскиот јазик е официјален“, продолжи Ахмети.
Зборуваше и за изборите во Косово. Тие побараа да се гласа и да се одлучи дали сакаат Косово кое ќе биде во сојуз со Европа, Америка и НАТО или Косово кое ќе продолжи да остане во пакет со Русија и Белорусија.
„За жал, секој интернационалец што го сретнав во рок од две години – незадоволен од политичките позиции што ги градат косовските институции. Политиката што ја споделуваа, политиката што не соработуваше со Америка, Европа и НАТО, а ова незадоволство, за жал, беше изразено со револт, со голема огорченост од многу меѓународни претставници на средбите што ги имав. За да не бидам лицемер, овие незадоволства им ги искажав на косовските власти, бидејќи Косово мора да биде во постојан сојуз и пријателство со Америка, Европа и НАТО… Затоа, на 9 февруари секој граѓанин на Косово ја има својата судбина, судбината на Косово во свои раце. Дали ќе го однесе во Европа и НАТО или ќе го остави во пакет со Русија и Белорусија, санкционирани од Европа и Америка? Затоа, луѓето таму сами одлучуваат. Во секој случај, имам морална и национална обврска да се погрижам моите соборци во Косово да ја слушнат оваа порака и порака од земјата. Сите тие луѓе кои не поддржуваа, не засолнуваа од 1981 година, за независно Косово, треба да го слушнат овој став лично од мене. Нека не ми кажуваат утре моите соборци, сограѓани и патриоти, кои нè поддржаа со леб и пушки в раце… Нека не кажуваат дека не ви го слушнавме гласот“, рече Ахмети.
Според најновите податоци на косовската Централна изборна комисија, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласови, на вчерашните избори за Парламентот води Самоопределување на Курти со 41,29 отсто од гласовите. На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето е Демократската лига на Косово со 17,74 отсто од гласовите. На четврто место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите.
Дестан Јонузи