Халк банка соопшти дека денеска ќе изврши предвремена исплата на мартовската пензија.
– На овој начин пензионерите кои ја примаат пензијата преку банката утре ќе ги имаат пензиите на своја сметка и истите ќе може слободно да ги користат при пазарење со платежните картички, преку електронското банкарство или за подигање преку банкоматите, без провизии, информираат од банката.
Ги повикуваат пензионерите во интерес на нивна заштита да не користат готовина и да не ги посетуваат филијалите, туку да ги користат картичките и да се насочат кон електронското банкарство.
Доколку сакаат да подигнат пари од филијалите ќе мора да ги почитуваат препораките односно во филијалата ќе се пропуштаат само ограничен број на лица соодветен на бројот на благајни во експозитурата.
– Во краен случај, за подигање готовина на располагање на корисниците им стојат банкоматите, оние лоцирани до филијалите што неколкупати во текот на денот се дезинфицираат. Од таму сепак препорачуваат при нивно користење да се применуваат пропишаните мерки за лична заштита, се вели во соопштението.
НЛБ Банка, согласно моменталните случувања со пандемијата на коронавирусот, а во пресрет на потребите на своите клиенти – пензионери, од денеска ќе почне исплата на пензиите.
Од Банката информираат дека од утре до 27-ми овој месец ќе пензионерите ќе можат да ја подигнат својата пензија само на банкоматите на НЛБ Банка, додека од 28 март пензиите ќе можат да се подигнат и преку експозитурите на Банката.
Од банката наведуваат дека поради моменталната кризна ситуација, експозитурите на Банката имаат изменето работно време, па затоа се препорачува пред посета на некоја експозитура да се провери работното време на веб страницата на Банката: www.nlb.mk
Банката апелира да се намалат посетите во експозитурите, при што на клиентите на располагање им стои широка мрежа банкомати со 24- часовна достапност. Исто така наведуваат дека со цел намалување на користењето на готовина, средствата на клиентите им се достапни за вршење на безготовински трансакции со платежните картички или преку електронско и мобилно банкарство.