Русија и нејзиното раководство сносат целосна одговорност за агресијата во Украина. Во исто време, Европската унија ќе продолжи да му обезбедува на Киjив редовна и предвидлива финансиска поддршка, се вели во заедничката изјава на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по повод третата годишнина од целосната инвазија на Русија на Украина.
„Пред три години Русија ја започна својата целосна и незаконска агресивна војна против Украина. Руската брутална војна намерно гаѓа цивилна и критична инфраструктура. Украинскиот народ покажа храброст во одбраната на својата земја и основните принципи на меѓународното право. Им оддаваме почит на сите оние кои ги жртвуваа своите животи и ги загубија своите најблиски за независноста и слободата на Украина.
Се нагласува дека Русија и нејзиното раководство сносат единствена одговорност за оваа војна и за злосторствата извршени врз украинското население.
„Продолжуваме да повикуваме на одговорност за сите извршени воени злосторства и злосторства против човештвото. Ги поздравуваме неодамнешните чекори направени кон формирањето на Специјален трибунал за злосторство за агресија против Украина“, се истакнува во изјавата.
Понатаму, лидерите на ЕУ потсетуваат дека Европската унија ѝ обезбеди на Украина економска, хуманитарна, финансиска и воена помош во вредност од 135 милијарди евра, вклучително и 48,7 милијарди евра воена помош.
„Европската унија ќе продолжи да и дава на Украина редовна и предвидлива финансиска поддршка, вклучително и реконструкција на земјата по војната“, се вели во соопштението.
Во заедничката изјава, исто така, се споменува и усвојувањето од страна на Европската унија во понеделникот на 16-тиот пакет санкции против Русија „за дополнително зголемување на колективниот притисок врз Русија да стави крај на нејзината војна за агресија“.
„Заедно со нашите партнери воведовме санкции без преседан против Русија и оние кои се вклучени во војната и остануваме подготвени да го зголемиме притисокот врз Русија да ја ограничи нејзината способност да води војна“, стои во соопштението.
Паралелно, блокот презеде активности без преседан на ниво на ЕУ за да го зголеми производството на европската одбранбена индустрија и ќе продолжи да го зголемува својот капацитет, се вели во соопштението. Ова, особено, ќе и овозможи на ЕУ да ја засили својата воена поддршка и соработка со Украина.
Лидерите на ЕУ истакнаа дека Украина „е дел од нашето европско семејство“, потсетувајќи на доделувањето на Украина статус на земја-кандидат за пристап во ЕУ и почетокот на пристапните преговори.
„Ние веќе ја интегрираме Украина во внатрешниот пазар на ЕУ. Иднината на Украина и нејзините граѓани лежи во Европската унија“, велат од ЕУ.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека Украина постигна значителен напредок во реформите поврзани со пристапувањето „под најтешките околности“.
„Во предизвикувачко меѓународно и геополитичко опкружување, ја нагласуваме важноста од одржување на трансатлантската и глобалната солидарност со Украина“, рекоа лидерите на ЕУ, нагласувајќи ја потребата да се обезбеди постојан фокус на меѓународната заедница за поддршка на Украина во постигнувањето „сеопфатен, праведен и траен мир заснован на украинската мировна формула“.
„Ние стоиме цврсто со Украина, потврдувајќи дека мирот, безбедноста и правдата ќе надвладеат“, се вели на крајот од заедничката изјава на лидерите на ЕУ.
Д. Мишев / Цивил Медиа