Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Вакво брзинско лизгање како со украинската Резолуција би ѝ го донела првото злато на Македонија ако лизгањето беше на Олимпијада.
За жал, беше на теренот на најактуелната меѓународна политика на која со ко- спонзорството на страната на окупацијата и на страната на агресијата, вечерва по овдешно време, Македонија во ООН во Њујорк, дипломатски се излизга.
Се обрука. Се посрамоти. Ја посрамоти земјава онака дилетантски, наивно.
Како преку ВАР видео контролата МНР проба нешто со соопштение да испегла ама и тоа, што се вели, вадење, правдање како за од шупливо во празно.
Туку, сепак, главното е дека во големите меѓународни игри, еве конечно некаде сме први.
Додека другите се думаа шокирани од Трамповиот геостратегиски земјотрес ние, во новата реалност, неповикани и со ништо неиспровоцирани, си се опнавме, си се наредивме, први до него.
Си ја фативме Трамповата опашка, па сега другите нека си се редат одзади. Нека ни го гледаат грбот и една Германија, една Франција, па и една цела ЕУ.
Први си се истопоривме во новата светска реалност. Први си го фативме редот на новата глобална меѓународна гео стратегија која, патем, намирисува на некаков мистичен и подзатскриен неофашизам.
Тука си се наредивме. Си го фативме местото веднаш зад челникот.
И тоа како мало, неуко и наивно пионерче, на местото резервирано само за големите европски и светски играчи, со сите комплекси на фрустрирано Калимеро, ние, важно си се построивме – први.