Четириножниот робор на Лендерот Blue Ghost слета стабилно на Месечината, станувајќи првиот комерцијален вселенски брод што извршил слетување на Месечината без да се преврти или да се сруши. Лендерот е изграден од Firefly Aerospace, со седиште во Сидар Парк, Тексас, има за цел да помине две недели изведувајќи научни експерименти обезбедени од НАСА.
Blue Ghost слета во регионот Mare Crisium на Месечината во 2:34 часот по тексашко време.
„Повторно сме на Месечината“, изјави Ванеса Вајч, вршител на должноста заменик-администратор на НАСА во Вашингтон, на прес-конференција по слетувањето.
Други компании претходно се обиделе да слетаат на Месечината, но нивните летала или се изгубиле во вселената или се срушиле при обидот за слетување. Минатата година, компанијата Intuitive Machines од Хјустон успеа да го спушти својот вселенски брод Одисеј, но тој удри толку силно во површината што скрши една „нога“ и се преврти на страна.
По лансирањето на 15 јануари, Blue Ghost очигледно успеа да ја изврши сложената низа на автономни маневри потребни за да се приближи и слета на Месечината. Неговите први слики покажаа дека сондата стои исправено на сивата површина, а вклучуваа и евокативна снимка од нејзината сенка на Месечината додека Земјата сјаеше на небото над неа.
Слетувањето е многу потребна победа за програмата за комерцијални лунарни товари на НАСА (Commercial Lunar Payload Services), која започна во 2018 година кога агенцијата почна да склучува договори со вселенски компании за транспорт на научни инструменти до Месечината. Blue Ghost е третата мисија во оваа серија; четвртата, која е втор обид на Intuitive Machines, има за цел да слета во близина на јужниот пол на Месечината на 6 март.
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…
(ВИДЕО) Спектакуларни снимки од Blue Ghost додека се приближува обидот за слетување на Месечината