Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС од ноќеска на полноќ се намалува за 1,451 денари за килограм, а цените на другите горива остануваат исти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,65 отсто.
Новата малопродажна цена на Мазутот М-1 НС ќе изнесува 43,501 денари за килограм, ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава за 77,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 79,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 72 и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 71,5 денари за литар.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 3,479 отсто, кај дизелот за 2,367, кај екстра лесното масло за 2,127 и кај мазутот за 4,530 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0526 отсто.