Џастин Трудо беше 12 години лидер на Либералната Партија и 10 години Премиер на Канада. Од вчера нов лидер на партијата е Марк Карни (Mark Carney).
Имаше тројца амбициозни противкандидати, но оствари многу уверлива победа. Дури 86% од членовите на Либералната Партија гласаа за Карни.
Марк Карни на 23-годишна возраст завршува Економија на Harvard University, а потоа на Универзитетот Оксфорд завршува магистратура и докторат.
Во 2007. година е именуван за Гувернер на Канадската Банка, а по 6 години именуван е и за Гувернер на Британската Банка. По успесите остварени на тие две високи функции, Марк Карни станува Претседавач и Раководител за инвестиции во Brookfield Asset Management, а потоа и Претседател на Бордот на директори во Bloomberg L.P.
Карни поминува 13 години и во Goldman Sachs, работејќи во нивните канцеларии во Бостон, Лондон, Њујорк Сити, Токио и Торонто. Тој исто така беше назначен за Специјален пратеник на Обединетите Нации за климатски активности и финансии, а работеше и како Советник на канадскиот премиер Џастин Трудо.
Карни за 5 дена ќе наполни 60 години. Женет е и има 4 деца.
Веднаш по победата тој изјави:
„Канада ми даде сè. Моето семејство. Моето образование. Моите вредности. И сега јас сум тој што ќе и даде сè на Канада.
Канаѓаните јасно и гласно ми кажаа што сакаат.
И јас им ветувам:
– Ќе изградиме најбрзо растечка економија во Г7.
– Ќе ги намалиме даноците и ќе ги вратиме парите во џебовите на граѓаните.
– Ќе инвестираме во здравствена заштита, во грижа за старите лица и во грижа за младите.
– Ќе ги заштитиме канадските работници од царините на Трамп.
Во однос на Трамп, го кажа и следново:
„Трамп ќе се сретне со обединета Канада којашто ќе го оттурне. Тој ги напаѓа канадските работници, канадските бизниси, канадските семејства и нема да дозволиме да ја оствари таа негова цел.
Кога сме обединети, ние сме силна Канада“.
Ацо Лукароски