Мотото „Пумпај“ на студентските протести во Србија произлезе од младинската и протестната култура, инспирирана од интернет-мемиња и популарни изрази. Тоа потекнува од српската сленг култура, каде „пумпање“ се користи во контекст на зголемување на интензитетот, мотивирање или засилување на нешто.
Во контекст на протестите, „Пумпај“ се користи како повик за акција, израз на енергија и ентузијазам, охрабрувајќи ги демонстрантите да продолжат со борбата и да не запираат. Терминот има и саркастична нота, бидејќи властите често ги минимизираат протестите, па студентите ја преземаат фразата и ја користат како знак на отпор.
На почетокот на четиримесечните протести тој можеби звучеше како тривијалност или не толку смешна интернет шега, но брзо прерасна во препознатлив знак на отпор на студентите и граѓаните што ги поддржуваат.
Со секое скандирање, секогаш кога ќе се појави на транспарент, „пумпај“ ги преминуваше границите на баналноста и стануваше повеќе од фраза, за на крајот да стане ентитет сам по себе. Српскиот „Неделник“ пишува дека така „пумпај“ го најде својот пат до сржта на протестот, не само како слоган, туку како симбол на актуелната борба, на став и несогласување, на бунт. На улиците, на социјалните мрежи, меѓу студентите, пензионерите, актери, просветните работници и пошироко, овој израз, спонтан, но однапред осмислен, создаде атмосфера која е и сериозна и забавна.
Ј. Ѓ.