Американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот повик за прекин на огнот во руско-украинската војна на 6 април, повикувајќи го рускиот претседател Владимир Путин да престане со насилството, пренесува Кијив Индипендент.
„Разговараме со Русија. Би сакале да престанат“, им рече Трамп на новинарите од „Ер Форс 1“. „Не ми се допаѓа бомбардирањето, бомбардирањето продолжува и продолжува, а секоја недела илјадници млади луѓе се убиени“.
Неговите коментари дојдоа откако претседателот Володимир Зеленски ја обнови својата молба за решителен одговор од САД по континуираните напади на Русија против Украина.
Украина веќе се согласи на целосниот 30-дневен прекин на огнот предложен од САД, велејќи на 11 март дека Киев е подготвен да преземе таков чекор доколку и Русија се согласи со условите. Досега Русија одбиваше.
„Путин не сака да ја заврши војната, тој бара начини да ја зачува опцијата за повторно разгорување во секој момент, со уште поголема сила“, рече Зеленски во вечерното обраќање на 6 април.
„Токму затоа мора да продолжат сите форми на притисок врз Русија: зајакнување на нашата способност да се браниме, одржување на санкциите и обезбедување дека дипломатијата – секој разговор со Москва – не им остава можност да убиваат“.
Зеленски додаде дека Украина чека одговор од Соединетите Држави – „ниту еден не е дојден досега – и ние исто така очекуваме одговор од сите во Европа и ширум светот кои навистина сакаат мир“.
Обраќањето на Зеленски уследи по последниот масовен напад на Русија врз Украина во текот на ноќта на 6 април. Руските сили лансираа 23 проектили и 109 беспилотни летала кон Украина, насочени кон областите Кијив, Суми, Харков, Хмелницки, Черкаси и Миколаев, објавија украинските воздухопловни сили. Кијивските власти потврдија еден загинат и три повредени од нападот во текот на ноќта.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, се приклучи на притисокот за прекин на огнот.
„Додека Украина го прифати предлогот на претседателот Трамп за целосен и безусловен прекин на огнот за 30 дена пред речиси еден месец, додека ние работиме со сите наши партнери на начините за обезбедување мир, Русија ја продолжува војната со обновен интензитет, не покажувајќи никакво внимание кон цивилите“, рече Макрон на X.
„Овие руски удари мора да престанат. Мора да се постигне прекин на огнот што е можно поскоро. И мора да следи силна акција доколку Русија продолжи да запира и да го отфрла мирот“, додаде Макрон.
Во меѓувреме, преговарачот на Кремљ, Кирил Дмитриев, на 6 април најави дека нови контакти меѓу Русија и САД би можеле да се случат веќе следната недела.
Во интервју за руската државна телевизија Канал 1, Дмитриев изрази „внимателен оптимизам“ за обновениот дипломатски ангажман и ја нагласи важноста од обновување на билатералните врски.
Д. Мишев / Цивил Медиа