„Хаотични и несериозни се изјавите на власта за царините што САД ги воведе за Македонија“, смета дел од јавноста и опозицијата.
– Слушаме различни и хаотични изјави за ова важно прашање. Прво власта тврдеше дека царините се „очекувани“. Потоа се правдаше дека „немало да имаат ефект“ за вчера да слушнавме изјава од премиерот дека воведувањето на царините било грешка!? Ова не е само несериозност. Ова е крајна неодговорност со директни последици, врз економијата, врз државата, како одговор на новинарско прашање во врска со изјавите на Владата за царините од САД, изјави Кристина Костова – потпретседателка на СДСМ.
Таа смета дека Одлуката на САД за воведување на царини до 33% за Македонија – меѓу највисоките во Европа – е уште еден пораз за Владата и нејзината надворешна политика.
– Спектакуларните изјави дека „сме влегле во периметарот“ и „оптиката“ на новата американска администрација потонаа целосно. Она што загрижува најмногу е фактот дека Владата нема никаков план, нема проценка, нема насока. Не знаат што прават, каде тераат. СДСМ смета дека владата мора веднаш да седне на маса со претставници од американската администрација и да започне сериозни преговори. Секое друго сценарио, секоја избрзана мерка – може дополнително да ги влоши состојбите. Доста се владини експерименти со економијата, потребна е сериозност и одговорност“, истакна Костова.
Поранешниот шеф на дипломатијата и потпретседател на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи вели дека со новите царини за увоз во САД – е јасно и се открива вистинската позиција на Северна Македонија во глобалната економија.
– Албанија и Косово ќе се соочат со царина од само 10%. Хрватска (и цела ЕУ) со 20%. Македонија, Србија, Кина со драстични царини од 33%-37%. Што значи ова? Македонија е ставена во иста категорија како Србија и Кина – земји кои традиционално се соочуваат со високи трговски бариери, коментира Османи.
Насир Селими – професор на факултетот за бизнис и економија при Универзитет на Југоисточна Европа во изјава за Фронтлајн вели дека новите царини на претседателот Трамп наметнати за Северна Македонија, природно, влијаат и на економијата на земјата.
– Меѓутоа, бидејќи извозот на претпријатија на Северна Македонија е мал (во 2024 година некаде околу 120-150 милиони долари), нивното влијание не е значајно. Северна Македонија е извозник на автомобилски делови, текстил, преработени метали и слично. Треба да се нагласи дека најголемо влијание ќе има индиректниот, кој се реализира преку други земји, а особено тој што се реализира преку ЕУ. Нашите претпријатија во овој случај ќе бидат отежнати, бидејќи кога финалната роба ќе се продаде на американскиот пазар, ќе ја изгубат конкурентноста и со тоа ќе се намали износот на извозот, анализира професорот.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува многу скоро да се корегира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон земјава. Како што рече на седми април, очигледно станува збор за некаква грешка или погрешна информација.
-Работиме со нашите партнери, САД, очекувам многу скоро да се корегира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките, вели Мицкоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска порача дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е во постојана комуникација со САД за проблемот со царините и очекуваме во најскоро време да има разрешница иако директните ефекти од воведувањето на американските царини не се големи кога станува збор и за извозот и за увозот.
– Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула зашто ефектот нема воопшто да биде голем, бидејќи целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Било каква промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на Буџетот,… Тоа во вој момент може да им го понудиме на САД. Станува збор за грешка бидејќи и по поединечни тарифи кога ќе се погледнат во Република Македонија не постои царинска тарифа од 65 проценти, изјави Димитриеска Кочоска.
Триесет и три отсто (33%) ќе изнесуваат новите реципрочни тарифи на САД кон Македонија, односно половина од 65-те отсто царини од Македонија кон САД.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната размена на Македонија со САД во 2024 година изнесувала нешто над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи дека била помала за 2,1 отсто. Во 2022 година, вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и САД изнесувала 270 милиони долари.
Извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари. Според статистичките податоци за минатата година, од Македонија во САД најмногу се извезувале машини и транспортни уреди, храна, пијалоци и тутун.
Дестан Јонузи