Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Апсолутна хармонија владее во Македонија. Владата си брои успеси, а народот – денарчиња. И не било какви, туку точно 62.691 денари – толку изнесува синдикалната минимална кошница за април.
Македонскиот работник живее „убаво“ – со две и пол плати не стигнува ни до 30-ти.
Одлична вест, нели?
Значи сè си е под контрола – на едно семејство му фалат само уште две и пол минимални плати за да преживее.
Ситница!
Ама Владата не се секира. Тие си имаат своја кошница – просечна, стерилна, дезинфицирана од реалност. Во неа граѓанинот јаде од евтиниот бурек што му го вети Мицкоски, пие јогурт на попуст и живее во стан што не постои, а струјата му ја плаќа самодовербата.
Храна и пијалаци – 21.480 денари.
Одлично?!
Тоа значи дека секој што зема минимална плата може да си дозволи – да гледа слики од храна на интернет и тоа на веб сајтовите од маркетите каде се истакнати цените на сите артикли. Како што ни вети Владата така и исполни. Или да оди во маркет, да шета со количката и да вежба „window shopping“, односно „shelf staring“. Лепота!
Мерки?
Да, имало!
Владата храбро им удри шамар на трговците со мерка за ограничување на маржите.
Резултат?
Цените паднале за цел 6,78%! Односно – ако нешто чинело 100 денари, сега чини 93. Истиот производ, истиот мака за купување. Само поефтино на хартија. На каса, пак, шок.
И бидејќи платата не стигнува за сè, мора да се избира: дали да се јаде, да се грее или да се оди на лекар.
Рекреација и култура?
Па кој има време за театар кога цел месец играш драма со неплатените сметки дома?
А ССМ, тие неблагодарници, пак, замислете, бараат минимална плата од 500 евра и уште плус 100 евра за сите други. И за први мај најавија протест. Срамота?!
Замисли бе, сакаат луѓето да не мора да пресметуваат дали имаат пари за леб или за автобус.
Ама Владата знае што прави. Таа се прашува: ако синдикалната кошница покажува беда, а владината просечна кошница покажува благосостојба – зошто да им веруваме на луѓето, кога можеме да си веруваме сами на себе?
Останува само едно: да воведеме нова мерна единица за стандард – еден „работнички живот“ = 2,5 плати + фантазијата на Владата.
И ќе биде супер драги мои.
Така ни велат.
Да им веруваме!