Застојот на интеграциите за Македонија е губење милијарди евра поддршка од ЕУ, но истовремено се руши меѓународниот углед на државата.
Застојот на ЕУ интеграциите, според извршниот директор на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски е штетен за државата од повеќе причини.
– Како прво, се разводнува долгогодишниот национален консензус за ЕУ интеграции а ова отвара простор за други недемократски актери да шират влијание кај нас. Исто така, се руши меѓународниот углед и европските партнери почнуваат да нè гледаат како несериозни соговорници. Оваа ситуација може да доведе до поставување уште потешки услови за пристап во иднина, изјави Николовски за Фронтлајн.
Лидерот на најколемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, на Комисијата за европски прашања и Национален совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024–2027, презентираше споредбени податоци за користење на европските фондови на земјите членки на ЕУ и Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ.
Филипче, кој воедно е и претседавач со Националниот совет, посочи дека постои голема разлика помеѓу поддршката што ја користи Македонија како земја кандидат и земјите кои се приклучија во ЕУ, како на пример Бугарија, Хрватска и Романија. Северна Македонија во моментов, како земја кандидат за членка во ЕУ, заедно со останатите земји од Западен Балкан ја користи само поддршката од ИПА инструментот.
– Од 2007 до 2013 година на располагање сме имале околу 4 милијарди евра и плус 1,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во следниот период, од 2017 до 2020 година, сме имале 4,2 милијарди евра плус 2,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во истиот тој период, Бугарија и Романија добиле 46 милијарди евра од европските развојни фондови. Кога тоа го споредуваме со процентот на бруто-домашниот производ, ние, како земји од Западен Балкан, во просек сме добиле околу 5% од БДП по глава на жител поддршка од ЕУ, додека Бугарија и Романија добиле 25%. Сега, за периодот од 2024 до 2027 година, тие добиваат 41 милијарда евра, а ние сега го користиме Планот за раст што е многу помал, или вкупно за сите земји околу 7 до 8 милијарди евра, истакна Филипче.
Дестан Јонузи