По 15 години одржување во Дојран, Д Фестивал оваа година ќе се пресели во Штип. Организаторите на фестивалот преку објава на социјалните мрежи информираа дека одлуката е тешка, но неопходна, како резултат на долгогодишен притисок од, како што велат, политичка фигура која не го гледала фестивалот како културен или туристички бенефит за градот.
„Сакавме со најпозитивна енергија да заминеме од Дојран, истата енергија каква што кружеше низ фестивалот во изминатите 15 години“, наведуваат од тимот на Д Фестивал, додавајќи дека секоја нивна одлука е водена од желбата за развој на културата во Македонија.
Организаторите потенцираат дека со години се обидувале да останат во градот кој го сметаат за свој дом, со десетици работни посети годишно и цел месец подготовки пред фестивалот. Но, како што стои во соопштението, „човечкото достоинство има лимит“.
„Можеш да нѐ излажеш три пати, но не сто. Заборавивме дека политичарот нема проблем да објави и 10 лаги за да ја промени реалноста“, пишуваат од фестивалот, додавајќи дека, и покрај тоа, му дале шанса на истиот политичар јавно да се извини – што не се случило.
Новото издание на Д Фестивал ќе се одржи од 4 до 6 јули во Штип и ќе има хуманитарен карактер, во рамки на иницијативата „Support Кочани“.
Организаторите најавуваат дека деталната програма ќе биде објавена по истекот на 40-дневниот период на жалост, по неодамнешната трагедија во Кочани.
„Д Фестивал ќе постои сѐ додека веруваме дека можеме подобро, сите заедно“, порачуваат организаторите.
Ј. Ѓ.