Тројца кинески астронаути денеска се вратија на Земјата по шестмесечен престој на националната вселенска станица Тјангонг, јави кинеската новинска агенција Синхуа.
Капсулата со тројцата членови на екипажот, меѓу кои и Ванг Хаозе, третата Кинеска во вселената, слетала околу 13:00 часот по локално време (5:00 по средноевропско време) во северен дел на Кина.
Мисијата Шенжу-19 официјално е завршена. Првичното враќање на астронаутите беше планирано за вчера, но беше одложено поради лоши временски услови на теренот.
Кина вложува милијарди евра во својота амбициозена вселенска програма со цел да ги стигне САД и Русија. Целта ѝ е да испрати мисија со човечки персонал на Месечината до 2030 година и да изгради лунарна база.
Астронаутите од мисијата Шенжу-19 престојуваа во орбитата од октомври минатата година, каде спроведоа бројни научни експерименти, одржување на станицата и поставија рекорд за најдолг престој во отворен вселенски простор – повеќе од девет часа.
На 25 април, тројцата астронаути од мисијата Шенжу-20 влегоа на кинеската вселенска станица Тјангонг, каде што беа пречекани од членовите на претходната мисија Шенжу-19. Сцената на средбата беше прикажана од Пекиншкиот Центар за контрола на вселенски мисии. Ова е шеста ротација на екипажот во орбита во историјата на кинеската пилотирана вселенска програма, информираше Кинеската агенција за пилотирани вселенски летови.