– Кинезот Жао Синтонг ја освои светската титула во снукер откако го победи Велшанецот Марк Вилијамс со 18-12 во фрејмови во финалето синоќа во Шефилд.
Синтонг добро го започна финалниот натпревар и по првата сесија имаше предност од шест фрејма (7:1), а во преостанатите сесии Кинезот одржуваше убедлива предност и стигна до титулата светски шампион и парична награда од 500.000 фунти.
Во полуфиналето, Синтонг го победи седумкратниот светски првак Рони О’Саливан (17:7).
Во јануари 2023 година, Синтонг беше суспендиран на 20 месеци поради вмешаност во голем скандал со наместени натпревари во кој беа вмешани десет кинески снукер играчи.
Иако не ги наместил директно натпреварите, тој призна дека бил вмешан во местење на резултатите на два натпревари и обложување на снукер, што резултираше со забрана за учество во натпреварувањето до септември 2024 година.
Поради забраната, тој пристигна на Светското првенство како аматер и мораше да ги игра квалификациите за да стигне до главната етапа.
„Ова е сон што стана реалност. Сонував за овој момент уште од детството. Ви благодарам на сите што верувавте во мене и ме поддржавте“, рече Синтонг откако го освои трофејот во театарот „Крусибл“.
Синтонг стана првиот Кинез кој го освои Светското првенство, а кинеските медиуми објавија дека финалниот натпревар го гледале над 150 милиони гледачи во Кина.