Приватната лабораторија Авицена излегува во пресрет со својот капацитет во борба против корона вирусот. На својот Фејсбук профил, лабораторијата соопшти дека оваа недела ќе биде поставен пункт во Здравствен Дом на Скопје – поликлиника Идадија, попозната како Млин Балкан.
Нагласуваат дека тестирањето ќе се врши во нивната лабораторија и е целосно на трошок на Авицена.
„Во интерес на заштита на јавното здравје, Авицена Лабораторија, како лабораторија која целосно ги исполнува сите светски норми и стандарди за овој тип на тестирање, се вклучува во постапката на изработување на 5000 високосензитивни Real Time-PCR тестови за корона вирус (COVID-19).
Ова е заедники проект на Авицена Лабораторија, Министерство за здравство и Здравствен Дом Скопје.
Од средината на оваа седмица, ќе биде ставен во функција пунктот за земање примероци во склоп на Здравствен Дом на Скопје-поликлиника Идадија (Млин Балкан).
СИТЕ ПРИМЕРОЦИ ЗЕМЕНИ ОД ОВОЈ ПУНКТ ЌЕ БИДАТ ИЗРАБОТЕНИ ВО АВИЦЕНА ЛАБОРАТОРИЈА И ЦЕЛОСНО НА ТРОШОК НА АВИЦЕНА ЛАБОРАТОРИЈА.
Овој тип на помош и поддршка е наменета со цел побрзо и поуспешно да се справиме со новонастанатата ситуација, да му помогнеме на нашиот здравствен систем, на сите пациенти и целокупната заедница во која припаѓаме.
Како и за другите пунктови, пациентите ќе бидат примени исклучиво по претходно закажан термин преку матичниот лекар и системот МОЈ ТЕРМИН.
И во вонредни услови каква што е моменталната ситуација со COVID-19, грижата за нашето здравје и здравствената грижа за нашите клиенти продолжува. Здравствената дејност во која припаѓаме ние како установа, не обврзува и морално, да пружаме здравствени услуги секојдневно, да си помагаме меѓусебно и да го заштитиме здравјето на сите граѓани.
Во меѓувреме, сите заедно да ги почитуваме мерките од надлежните институции, да бидеме одговорни, да се грижиме за сопственото здравје и здравјето на другите.“ – се вели во статусот