Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот ќе има и својата затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај 2025 година, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.
„ЛИМА“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.
Филмот „ЛИМА“ е уште едно значајно достигнување на независната филмска сцена во Северна Македонија, и претставува спој на храбар уметнички израз и креативен труд.
За режисерот:
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.
Креативниот тим на филмот:
Режија: Батухан Ибрахиим
Продуценти: Батухан Ибрахиим, Јасмина Билаловиќ и Ивана Балабанова
Ко-продуценти: Апофенија Пост и Стефан Ѓорѓиевски
Директор на фотографија: Стефан Ѓорѓиевски
Кореографија: Ивана Балабанова
Асистент на режија: Марија Бошковска
Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон
Костим: Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ, Маја Ѓуреска
Шминка: Павел Маслов
Фотографија на сет: Ања Калин
Видео на сет: Мартин Михајлов (Марсбен продукција)
Филмот е во продукција на: К.Ц. МЕДИА АРТЕС, Зенит Продукција и Танц Бункет.
Проектот е реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Битрикс Културен Центар, НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид.