На големата сцена на Македонскиот народен театар денеска ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Во претставата играат: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ. Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение и изборот на музиката се на Васил Христов, а дизајнер на плакатот е Денко Матевски, дизајнер на светло е Игор Митревски и дизајнер на тон е Александар Арсиќ. Инспициент на проектот е Саво Ивановски. Претставата е во копродукција на Вондерленд театар – Скопје и Македонскиот народен театар.
– Претставата „Кататонија“ нè соочува со суровоста на современото општество, преку екстремни ситуации и ликови фрлени на маргините на општеството. Преку 24 различни приказни и голем број различни ликови, се проблематизираат прашања поврзани со патријархатот, правосудниот систем, соочувањето со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење…, се појаснува меѓу другото во соопштението од НУ Македонски народен театар.