Граѓанските иницијативи од Платформата „Независни заедно“ денеска ја најавија Билјана Ивановска како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар на претстојните локални избори.
„Ја имаме честа да ја претставиме истакнатата борка за правда и антикорпуционерка, и една од најреспектабилните јавни личности, Билјана Ивановска, како независна кандидатка за градоначалничка за Општина Центар“, соопштија од Платформата.
Кандидатурата на поранешната директорка на ДКСК Билјана Ивановска е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.
Како што објавија од Платформата „Независни заедно“, Ивановска утре ќе одржи прес-конференција на просторот пред фонтаната Лотус на влезот во Градскиот парк, со почеток во 9:30 часот, на која официјално ќе ја објави својата кандидатура.