Потпретседателка на СДСМ, Кристина Костова, во објава на социјалните мрежи ја критикуваше партијата Левица, обвинувајќи ја за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и за улогата во актуелните проблеми на Град Скопје. Во својата објава, Костова тврди дека Левица имала клучна улога во формирањето на мнозинството во Советот на Град Скопје.
„Пред само четири години, Левица на Трајко Славески и ДПМНЕ им обезбедија мнозинство во Совет на Град Скопје“, напиша Костова. Таа додаде дека без поддршката на Левица, „Трајко Славески, непријателот на идејата за покачување минимална плата, немаше да биде Претседател на Совет на Град Скопје.“
Костова ја истакнува и нивната тековна позиција во градската власт, посочувајќи дека Левица е сѐ уште дел од истата коалиција која, според неа, е одговорна за проблемите во јавниот превоз. „Левица е сѐ уште дел од градската власт која „ни пресуди да немаме автобуси“, вели таа.
„Нивните пи ар приказни немаат баш цврсто стојалиште во реалноста“, напиша Костова.
Од друга страна партијата Левица денеска соопшти дека пратеникот Амар Мециновиќ ќе биде нивен кандидат за градоначалник на град Скопје.
На прес-конференцијата Мециновиќ ги нагласи неговите приоритети – јавниот транспорт, градската чистота, Генералниот урбанистички план, борбата со загадениот воздух.
Лидерот на партијата Димитар Апасиев, кој го соопшти името на партискиот кандидат за градоначалник на Скопје соопшти дека Левица ќе настапи со рекорден број на кандидати за градоначалници.