Фудбалерите на Шкендија вечерва од 19:30 часот во Разград го играат реванш натпреварот против бугарски Лудогорец од плејофот за пласман во второто по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Македонскиот шампион допатува на реваншот во Бугарија со предност од 2-1 од првиот натпревар што се одигра минатиот четврток на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Љатифи и Ибрами беа стрелци за Шкендија, откако Дуарте му донесе водство на Лудогорец.
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири истакна на синоќешната официјална прес конференција дека и покрај поразот во Скопје, бугарскиот тим и натаму ја има фаворитската улога, но нагласи дека фаворитите не победуваат секогаш во фудбалот.
Главен судија вечерва на „Лудогорец Арена“ во Разград ќе биде Швајцарецот Урс Шнајдер.
Победникот од пресметката меѓу Шкендија и Лудогорец ќе се најде во утрешната жрепка во Монако за Лига Европа, додека поразениот ќе ги продолжи настапите во Конференциската лига.