Дали премиерот Христијан Мицкоски сè уште смета дека Изет Меџити, неговиот коалиционен партнер од ВЛЕН, како градоначалник на Чаир земал провизија од 450 илјади евра за плоштадот „Скендербег“, како што ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше додека беше во опозицијам реагираат во соопштение Алијанса за Албанците на Таравари.
„Објавуваа бројки, скандали и афери за расипништвото во локалната власт, а денеска се верни владини партнери. Доколку Мицкоски заборавил, јавноста памети како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски јавно изнесуваше обвинувања против Меџити за корупција, злоупотреби, криминали и провизии тешки 450 илјади евра. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да одговорат на прашањата кои се неизбежни и се од интерес на сите граѓани: Дали Мицкоски се откажува од својот пратеник Антонијо Милошоски и неговите тврдења за да го спаси Меџити? Дали ВМРО-ДПМНЕ сè уште веруваат во сопствените обвинувања кон Меџити, или тогашната критика била само евтин популизам? Дали оваа партија е подготвена да ги затвори очите пред сите тие наводи за криминал само за да остане на власт? И најважно: дали интересот на народот е жртвуван за сметка на нивните фотељи и функции? Алијанса за Албанците потсетува: борбата против корупцијата не е предмет на пазарење. Нема компромис со наводни криминали, ниту алиби за политичка дволичност. Време е ВМРО-ДПМНЕ јасно да избере дали сака владеење на правото или заштита на коалицискиот комодитет. Граѓаните нема да прифатат двојни стандарди – едно да зборувате кога сте во опозиција, а друго да правите кога ќе седнете на власт. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се претстави како носител на промени, мора јавно и без калкулации да покаже дали ќе застане на страната на правдата или ќе остане соучесник во коруптивните практики кои самите ги разоткриваа“, се наведува во соопштението од АА.