Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) обвини дека газдите ја манипулираат јавноста и Владата со тврдењата дека зголемувањето на платите ќе доведе до затворање на фирми.
„Газдите ја лажат Владата и јавноста кога тврдат дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите“, реагира ССМ, наведувајќи дека најновите податоци од Централниот регистар ја потврдуваат спротивното.
Синдикатот во истражувањето покажува дека со секое зголемување на минималната плата бројот на новоосновани фирми е поголем од бројот на затворени:
Во 2022 година, кога минималната плата се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, имало 7.062 новоосновани фирми, а затворени 5.694.
Во 2023 година, со зголемување на минималната плата на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми останал 7.062, а избришаните се намалиле на 3.372.
Во 2024 година, со раст на минималната плата на 22.567 денари, биле основани 6.627 нови фирми, а затворени само 2.891.
„Овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти“, порача ССМ.
Од синдикатот бараат Владата да не го сопира процесот за зголемување на платите.
„Ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати! Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот“, се вели во реакцијата.
ССМ со директни пораки се обрати и до газдите и до Владата:
„До газдите – доста е со лаги и манипулации, време е да почнете да давате достоинствени плати на работниците. До Владата – да не подлегнува на притисоците од капиталот, туку конечно да застане зад работниците и да обезбеди системски раст на платите“, стои во соопштението.






