Санкциите на Обединети нации за Иран вечерва повторно ќе бидат воведени по неуспешните преговори помеѓу европската тројка (Германија, Франција и Велика Британија) која бара гаранции за иранската нуклеарна програма.
Е3 минатиот месец го активира механизмот за враќање на санкциите, обвинувајќи го Иран за сериозно кршење на Сеопфатниот нуклеарен договор (ЈЦПОА) од 2015 година. Според европската група, Иран збогатува ураниум до нивоа далеку над потребните за цивилни цели. Иран моментално поседува околу 450 килограми ураниум збогатен до 60 проценти и се приближува до збогатување од 90 проценти, што би овозможило производство на осум до 10 атомски бомби.
Според европската тројка, Техеран не презел никакви „конкретни чекори“.
Е3 постави три услови: продолжување на преговорите со САД, пристап за инспекторите на МААЕ до чувствителните нуклеарни локалитети Натанц, Фордоу и Исфахан, кои беа бомбардирани од Израел и САД во јуни, и процес за следење на резервите на збогатен ураниум.
Русија и Кина синоќа не успеаја да го пролонгираат рокот за санкции и Советот за безбедност на ОН најави воведување на построги санкции – од ембарго на оружје до економски мерки.
За Иран, Русија и Кина враќањето на санкциите се незаконски. Поради одлуката на СБ на ОН, Иран денеска ги повика на консултации амбасадорите во Франција, Германија и Велика Британија.