Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во објава на социјалните мрежи реагираше по сторијата на ИРЛ за корумпираните инспектори на УЈП поврзани со сопствениците на дискотеката „Пулс“ во Кочани. Таа директно ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство дека се обидуваат да ја сокријат вистината за трагичниот случај.
„Дека угостителските објекти на газда Деко биле попатна станица на секој предизборен караван на ДПМНЕ е општо познат факт за кочанската јавност. Дека Дуци и Ж’ти се лепенки на Иван Јорданов и големи активисти на ДПМНЕ е општо познат факт за штипската јавност. Дека Мицкоски и ДПМНЕ се обидуваат на секој начин да спречат да се испорача правда за најголемата трагедија во историјата на самостојна Македонија е општо познат факт за македонската јавност“, напиша Костова.

Таа додава дека во овој случај не може да помине приказната дека „сите се исти“ и отфрла какви било обиди за дефокус или притисоци врз институциите.
„Ниту обидите за дефокус преку некаква си ‘верига’, ниту силните притисоци и уцени врз Обвинителството, ниту која било режимска тактика применета од ДПМНЕ за замолчување и заплашување, нема да ја сокријат вистината. А, вистината е болна колку што е сурова“, истакна таа.
Костова нагласи дека доказите упатуваат директно кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„И сите докази за одговорност, за злоупотреба и за загрозување на млади животи, упатуваат кон лавчето и Белата Палата. За вакви недвосмислени докази на длабоко вкоренета, партиски организирана корупција која ништи животи, паѓаат Влади во светот. Кај нас е само обична, дождлива недела“, завршува потпретседателката на СДСМ.
Од ИРЛ во најавата на емисијата истакнуваат: „Низ досега необјавени снимки сторијата не само што не води низ ужасите од ноќта на масовната загуба и осакатување на млади животи од Кочани, туку и преку досега необјавени документи од истрагата откриваме како делувале оние треба да не заштитат – инспектори, обвинители, политичари“.
Ј. Ѓ.