На денешната прес-конференција кај Заполшки мост во Прилеп, канидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Дејан Проданоски најави решавање на проблемот со сообраќајниот хаос во центарот на прилеп и обиколници „Исток“ и „Запад“ како капитални проекти.
-Обиколницата ,,Исток“ во должина од 1,6 километри, и профил од 5,5 метри ќе биде директна артерија што ќе ги насочи тешките товарни возила, надвор од срцето на градот. Таа ќе се протега од стариот пат кон вештачкото езеро, преку склештен мост се до клучката за новиот автопат. Со тоа ќе се растовари центарот, ќе се намали метежот и загадувањето. Обиколницата „Запад“ е огромен капитален проект, долга 4,5 километри со модерен профил од 26 метри кој ќе опфати коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки. Новата траса ќе ја поврзе делницата од Мебел Венеција преку Варош, па се до фабриката за Мермер на улица ,,Леце Котески“ и натаму до ,,Црн Бор“. На оваа траса ќе изградиме два надвозници и еден мост овозможувајќи безбеден брз и европски сообраќај за нашиот град. Со реализација на овие два проекти, ќе се реши еден од најголемите проблеми на Прилеп, сообраќајниот хаос во центарот, изјави Проданоски.
Според Проданоски со овие капитални проекти ќе се создатат нови можности за економски развој, бизнисот ќе добие полесен пристап до автопатот што значи нови инвестиции и отворање на нови работни места.
Носителката на советничката листа за Прилеп од СДСМ, Драгица Николоска на денешната прес-конференција рече дека кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски не е соодветен за иден градоначалник зашто три години беше на чело на Советот на Прилеп кога градоначалник беше Борче Јовчески кој, според Николоска, е најслабиот градоначалник во историјата на градот.
-Три години Проданоски беше прв човек на општинскиот Совет, период во кој општината го доживеа најголемото пропаѓање, а жителите на градот и населените места најголемото осиромашување. Да потсетиме: со дозвола на владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ и тогашниот претседател на Совет, Дејан Проданоски, во Прилеп поскапеа данокот на имот, водата, комуналните услуги, паркингот, градскиот превоз, а јавните комунални претпријатија влегоа во загубарите со вкупен долг од близу 2 милиона евра, рече Николоска.
Според Николоска, Тандемот Проданоски – Јовчески не успеал да реализира ниту едно изборно ветување, а сега Проданоски е кандидат за градоначалник.
-Истовремено, како поранешен претседател на Советот, но и актуелен претседател на ОК на ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Проданоски има директна одговорност за катастрофалната безбедносна состојба во Прилеп, која со секојдневните скандали дополнително се влошува од ден во ден, рече Драгица Николоска, носителка на советничката листа на СДСМ за Прилеп.