На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.