Македонскиот народен театар објави повик за учество на интензивна петдневна перформативна работилница под наслов „Левијатан: Студија за суштества и апсурдот“ под менторство на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува на уметничка резиденција во МНТ до 15 ноември.
Во рамки на неговиот престој во Скопје е и организацијата на работилница под негово менторство. Уметничка резиденција на Константинидис е прв резултат од неодамнешното зачленување на МНТ во престижната театарска мрежа Европската театарска конвенција (ETC) која обединува 63 театри од 31 земја.
-Со ова членство, МНТ се приклучи кон семејството на најголемите и највлијателни театри во Европа, со отворени врати за копродукции, размена на претстави, резиденции на уметници и нови европски проекти, соопшти театарот.
Работилницата „Левијатан: Студија за суштества и апсурдот“ ги повикува учесниците на длабоко истражување на митот, хаосот и создавањето. Овој интензивен петдневен процес, наведува МНТ, ги комбинира перформативните алатки со уникатниот уметнички израз на секој учесник, создавајќи колективен експеримент во нови форми на театар и нарација.
-Левијатан е моќно митолошко суштество кое често се поврзува со хаос, уништување и гнев. Некои интерпретации го претставуваат како демон – олицетворение на лутина и емоционална бура, како неконтролираниот хаос на морето. Во овој контекст, Левијатан станува метафора за ослободениот гнев – огромна, примордијална сила со која мора да се соочиме, да ја претставиме и трансформираме. Преку перформанс, учесниците ќе го истражуваат апсурдното, чудовишното и непознатото во себе и во своите креативни практики. Работилницата ќе ги отвори прашањата: како митот за Левијатан одекнува во современиот живот, на кои начини хаосот, уништувањето и гневот се манифестираат во нашето секојдневие и едноставно – што нè прави лути, соопшти МНТ.
Бројот на учесници на работилницата е ограничен на 15. Таа ќе се одржува во просториите на Македонскиот народен театар од 21 до 25 октомври со утврден распоред. Пред почетокот на работилницата, на секој учесник ќе му биде испратен краток текст за учење.
-Се препорачува носење удобна облека, бидејќи процесот вклучува интензивно физичко движење. Добредојдени се актери, танчари, перформери и други уметници, кои сакаат да ги прошират креативните и изведувачките хоризонти. Нема старосни ограничувања. Од учесниците се очекува целосна посветеност за време на истражувањето и активна вклученост во перформансот. Работилницата претставува безбедно и инклузивно место за сите учесници, во дух на меѓусебна почит и уметничка слобода, се наведува во соопштението.
Кандидатите заинтересирани за учество треба да пратат кратка биографија со фотографија на адресата leviathanworkshopmnt@gmail.com најдоцна до петок, 17 октомври. Сите пријавени кандидати ќе бидат известени на 18 октомври.