Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, имал „момент на слабост“, по појавувањето на видео на 10 октомври во кое Кузмановски, во домашна атмосфера, меша бела прашкаста материја во чинија, прави асоцијација на кокаин и разговара со друго лице. Во снимката Кузмановски му се обраќа на соговорникот: „Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спид и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“.
Неколку часа по објавувањето на видеото, министерот за здравство Азир Алиу го разреши д-р Кузмановски од функцијата директор. Алиу посочи дека Лекарската комора го известила оти на д-р Кузмановски му е истечена лиценцата; на новинарско прашање за евентуално продолжување или издавање нова, додаде дека надлежноста е на Комората.
Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Клиниката за трауматологија, Мицкоски изјави: „Тоа што се случи, се случи, и тука не треба да се враќаме назад. Инаку, кога ќе ја гледате биографијата на професорот и мој колега, ќе дојдете до заклучок дека има импозантна биографија која што многу ретко ја има, генерално зборувам, на Балканот. Тоа што на моменти на слабост имал директорот поранешен, претпоставувам дека ќе го следи во текот на неговиот живот, тоа е негова приватна работа, јас тука немам што да кажам. Ние како Влада, тоа што требаше да го направиме, го направивме и реагиравме веднаш откако оној нелегален материјал се појави на социјалните медиуми“.
Министерството за здравство вчера соопшти дека д-р Јован Божиновски е именуван за в.д. директор на Клиниката за неврологија.