Орце Ѓорѓиевски Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, и Амар Мециновиќ од Левица, ќе се соочат во вториот круг од изборите за градоначалник на Скопје, закажан за 2 ноември.
Според најновите податоци објавени утрово од Државната изборна комисија (ДИК), обработени се 100 отсто од избирачките места во Скопје. Ѓорѓиевски води со 39,43 % од гласовите, односно 91.582 гласа, додека Мециновиќ има 13,20 % или 30.659 гласа.
На третото место е кандидатот на коалицијата ВЛЕН, Башким Бакиу, со 12 % или 27.864 гласа. Веднаш зад него е Шукова со 11,50 % (26.714 гласа). Петти е кандидатот на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, Скендер Реџепи, со 11,22 % или 26.062 гласа, што е само 652 гласа помалку од кандидатката на СДСМ.
Во трката за Советот на Град Скопје, најмногу гласови освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ — 35,15 %, по што следуваат Левица (11,83 %), ВЛЕН (11,77 %), ДУИ (11,64 %) и СДСМ (10,56 %).
Сите бројки се врз основа на целосно обработени податоци објавени утрово на официјалната веб-страница на ДИК.