На влезот во Старата битолска чаршија, во непосредна близина на дрвениот мост на реката Драгор, познат како Мост на вљубените, Општина Битола почна со изградба на спомен-обележје на естрадниот уметник Јонче Христовски.
Поставувањето спомен-обележје се врши со посебно решение за изградба на споменици, спомен-обележја и скулптури, а инвеститори се Општина Битола со донација на иницијаторот, Стопанска банка АД Битола.
Јонче Христовски (Битола 1931 – Скопје 2000), автор на легендарните песни „Македонско девојче“, „Куќа имам на Пелистер“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Едно име имаме“…и други, освен пејач, беше текстописец и композитор на македонски народни песни со силен патриотски дух.
Јонче Христовски, препознатлив по сценските настапи, во богатата кариера одржал бројни солистички концерти во земјава и пред македонската дијаспора во странство, а настапувал и во дует, најчесто со битолчанката Виолета Томовска со која освен „Македонско девојче“ ја исепеале и незаборавната „Ој, Вардаре македонски“.