Четири лица загинаа во израелски воздушни напади на истокот и југот на Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.
Министерството информира дека станува збор за жртви од два одделни напади, на истокот и југот на земјата, во областа Набатија, а либанската Национална новинска агенција (ННА) јави дека меѓу загинатите има и една постара жена.
ННА претходно соопшти дека „израелските воени авиони почнале низа насилни напади на источниот планински венец во близина на границата со Сирија“.
Исто така, беше објавено дека два израелски напади биле насочени кон планинскиот венец Хермел на североистокот на земјата.
Израелската војска го потврди воздушниот напад во Набатија, наведувајќи дека целта била складиште за оружје на Хезболах, пренесува Тајмс оф Израел.
Исто така, соопшти дека извршила воздушни напади во источната либанска долина Бека, наведувајќи дека меѓу другото, целите биле камп за обука на Хезболах и локација за производство на ракети.
Од завршувањето на 14-месечната војна меѓу Израел и Хезболах кон крајот на минатиот ноември со примирје постигнато со посредство на САД, Израел често изведува напади обвинувајќи го Хезболах дека се обидува да ги обнови своите капацитети откако групата претрпе тешки загуби за време на војната.





