Астрономите можеби стојат пред најголемата космичка ревизија во последните децении. Ново истражување сугерира дека ширењето на универзумот не се забрзува, како што беше прифатено од 1998 година, туку можеби веќе забавува – што би можело да значи дека универзумот е на пат кон „Големото стеснување“ (Big Crunch).
Тимот предводен од проф. Јанг-Вук Ли од Универзитетот Јонсеј во Сеул анализирал 300 галаксии-домаќини на супернови и открил дека претходните мерења биле систематски искривени. Според новите резултати, ѕвездите во раниот универзум светеле послабо, што довело до погрешно толкување дека вселената се шири сè побрзо.
„Нашата студија покажува дека универзумот веќе влегол во фаза на забавено ширење и дека темната енергија се менува многу побрзо отколку што мислевме,“ изјави проф. Ли. „Ако се потврди ова, ќе се соочиме со најголемата парадигматска промена во космологијата од откривањето на темната енергија пред 27 години.“
Темната енергија, мистериозната сила која според досегашните модели ја турка вселената во забрзана експанзија, можеби ја губи својата моќ. Ако нејзината вредност стане негативна, универзумот би можел да започне контракција – сценарио спротивно од Големиот прасок.
Иако резултатите ќе бидат пречекани со скепса, независни мерења од проектот Desi Consortium годинава покажале слични индикации. Космологот Карлос Френк од Универзитетот во Дарем го нарече трудот „провокативен и достоен за внимание“:
„Може да е погрешен, но не може да се игнорира. Ова има длабоки последици.“
Истражувањето е објавено во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, а веќе отвора бурна дебата за тоа – дали иднината на вселената ќе биде вечно ширење или големо повторно спојување.
Редакција Фронтлајн





