Граѓанската иницијатива SupportKocani ја информира јавноста дека е реализирана втората распределба на средства од заедничката сметка за донации, која беше формирана по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Оттаму истакнуваат дека во согласност со принципите на целосна транспарентност, отчетност и правна усогласеност, сите пристигнати средства од оваа фаза се распределени исклучиво на лица кои беа директно погодени од трагедијата.
Податоци за распределбата
* Вкупен број на лица кои добија финансиска помош: 137
* Вкупен бруто износ на донаторски средства: 10.944.793 МКД
* Персонален данок ПДД уплатен кон државата: 1.094.493 МКД
* Нето износ распределен по лице: 71.900 МКД
Секое лице доби подеднаква финансиска поддршка, со цел фер пристап и еднакво третирање на сите засегнати. Средствата се обезбедени преку донации од компании, здруженија, цркви, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и странство.
Целиот процес беше реализиран со внимателна координација со засегнатите страни и со административна и правна документација која обезбедува целосна усогласеност со важечките процедури.
SupportKocani изразува длабока благодарност до сите цркви, свештени лица, донатори, правни субјекти, и граѓани од Македонија и од странство, кои се вклучија во оваа иницијатива. Вашата солидарност го овозможи овој процес да биде успешен и целосно насочен кон оние на кои им е најпотребно.
Зад сите статистики и административни процеси стојат вистински луѓе. Млади што сè уште се борат со повреди. Семејства кои ја изгубија најважната личност во својот живот. Секоја донација што ја распределивме не е „сума“ – тоа е гест со кој заедницата им порача дека не се сами. Дека не ги заборавивме кога беше најтешко.
“Речиси 8 месеци, ние како волонтери, не престануваме со нашата мисија, и остануваме да се бориме и да стоиме покрај секој еден од засегнатите, како и од самиот почеток. Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така. Затоа и ќе продолжиме да помагаме на оние што се борат, и оние што тивко болат.” – соопштуваат од иницијативата Support Kocani.





