Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите оцени дека евроинтегративниот процес на Македонија не се движи напред, туку се враќа децении наназад, и дека Европската унија продолжува да врши политички притисоци врз земјата преку уставните измени.
„Срамежливо стоеше во извештајот на ЕК една реченица. На тој начин мислеа дека ќе направат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, преку некои поранешни структури да се промени Уставот. Не им успеа“, рече премиерот.
Тој додаде дека Владата ќе ја исполни „домашната задача“, по што ќе се види како ќе реагира Брисел.
„Ние ќе направиме се да ја извршиме домашната задача. Ајде ќе видиме тогаш што ќе се случи“, истакна Мицкоски.
Мицкоски вели дека истите ветувања биле давани и претходно, при промената на името.
„Затоа што пред осум години кога менувавме име, ни викаа дека сме фронт-ранери и кога ќе смениме име за 3-4 години ќе сме во ЕУ. Тие три-четири години изминаа пред 3-4 години, а ние сме денес онаму каде што бевме пред 25 години. Супер е – да го смениме уставот најдобри ќе бидеме. Уште ако може да не сме Македонци да сме нешто друго најдобри ќе бидеме. Онака како што некој ни прави булинг и се обидува да ја спречи Македонија да напредува во ЕУ. Тоа нема да го дозволиме. Оваа Влада тоа нема да го дозволи додека сум јас таму“, изјави тој.
Ј. Ѓ.





