Украинскиот копнен борбен робот Droid TW 12.7, управуван далечински од оператори од 3. јуришна бригада, успеал самостојно да одбрани еден пешадиски пункт цели шест недели, заменувајќи целосно човечки војници. За ова достигнување прв информираше порталот Militarnyi, повикувајќи се на интервју со командирот на сатнијата за производителот DevDroid, пренесува inrex.hr.
Автономна одбрана на фронтот
Задачата на роботот, опремен со тешка митралезна станица, била да ja контролира клучнaта раскрсница во близина на населено место од каде редовно напредувале руски сили. Секое утро операторите го испраќале Droid TW 12.7 на позиција, а навечер го повлекувале во безбеден простор.
Во текот на месец и пол роботскиот систем успешно извршил повеќе борбени мисии и неутрализирал напаѓачки единици. Непријателските сили не успеале да го пробијат секторот кој бил под постојан оган од роботот.
Командирот вели дека ваквите платформи можат да го растоварат пешадиското делување, да поддржат напредување или да обезбедат огнена заштита во одбрана.
Стратегија и обука за новата генерација роботи
Операторите на вакви системи намерно се држат подалеку од линијата на судир, бидејќи нивната обука трае долго и бара висок степен на специјализација. Во Украина веќе се работи и на тактики за користење повеќе роботи истовремено, во формација од два до четири системи, со централизирано управување од една просторија.
Што претставува Droid TW 12.7?
Droid TW 12.7 е копнен борбен робот развиен од украинската компанија DevDroid, вооружен со борбен модул со митралез M2 Browning калибар 12,7 мм. Министерството за одбрана на Украина го воведе во вооружувањето кон крајот на 2024 година.
Системот има дигитална конекција, интеграција со Starlink и LTE, како и напреден софтвер што овозможува повеќе оператори истовремено да управуваат со различни функции – од платформата до куполата. Обуката на оператори трае од еден до еден и пол месец, додека искусен оператор може да го совлада системот за само една недела.
Редакција Фронтлајн





