Биткоинот се лизна под 90.000 долари за првпат по седум месеци, сигнализирајќи дека апетитот за ризик нагло слабее на глобалните финансиски пазари. На раното европско тргување криптовалутата падна на 89.286 долари, а во моментот се движи околу 90.900 долари, што претставува пад од речиси 30% од октомврискиот врв над 126.000 долари.
Според CoinGecko, околу 1,2 трилиони долари пазарна вредност исчезнаа од секторот во изминатите шест недели, пренесува Ројтерс.
Инвеститорите ги повлекуваат средствата
Аналитичарите велат дека комбинацијата од сомнежи околу американските каматни стапки, растечка неизвесност и опаѓање на расположението на глобалните пазари ја турка криптовалутата надолу.
„Каскадното распродавање се засилува затоа што компании и институции кои трошеа агресивно во текот на ралито сега ги затвораат позициите, што носи нови ризици од пренесување на пазарот“, изјави Џошуа Чу од Hong Kong Web3 Association.
„Кога поддршката се разредува, а макро неизвесноста расте – довербата може да еродира со неверојатна брзина.“
Дополнително, дел од инвеститорите кои влегоа во крипто очекувајќи поповолна регулатива во САД започнаа да го намалуваат ризикот, што предизвика константни одливи од ETF-структури.
Последици од октомврискиот „flash crash“
„Продажниот притисок не е драматично голем, но е опасен затоа што се случува во момент кога купувачката страна е слаба. Многу мали инвеститори беа изгорени во октомврискиот „flash crash“, кога беа избришани 19 милијарди долари од леверидж позициите“, вели Џозеф Едвардс од Enigma Securities.
Акциите на компании како MicroStrategy, Riot Platforms, Mara Holdings и Coinbase исто така паѓаат синхронизирано со влошеното расположение.
Етер исто така под силен притисок
Втората најголема криптовалута, етер, веќе со месеци е под притисок и моментално е 40% под августовскиот врв од 4.955 долари.
„Сентиментот е навистина низок уште од октомвриското чистење на левериджот,“ оценува Метју Диб, главен инвестиционен директор на Astronaut Capital.





