Поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, поднесе оставка од функцијата ректорка на Колеџот на Европа и директорка на Дипломатската академија на ЕУ, откако белгиските власти отворија истрага за можна измама поврзана со доделување на европски тендери.
„Во согласност со највисоките стандарди на строгост и правичност со кои секогаш ги извршував моите должности, денеска одлучив да поднесам оставка од функцијата ректорка на Колеџот на Европа и директорка на Дипломатската академија на Европската унија“, наведе Могерини во писмена изјава, пренесува Politico.
Според информациите, Могерини и генералниот директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Стефано Санини, биле приведени во вторникот по полициска рација спроведена од белгиските власти во рамки на истрагата. По сослушувањето и формалното информирање за сомнежите, тие биле пуштени на слобода, бидејќи било проценето дека не постои ризик од бегство. Санини во меѓувреме одлучил да се пензионира предвреме.
Белгиската полиција извршила претреси и во Европската служба за надворешни работи (EEAS) и во Колеџот на Европа, во врска со наводни нерегуларности при формирањето академија за обука на млади дипломати. Предмет на истрагата е деветмесечна програма за дипломатска обука што Колеџот на Европа ја добил на тендер на EEAS во 2021 и 2022 година, период кога генерален секретар на службата бил Санини.
Јавното европско обвинителство (EPPO) соопшти дека не може да изнесува детали од истрагата за да не се загрози нејзиниот тек и нагласи дека сите осомничени лица се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде докажана пред надлежните судови во Белгија.
European Public Prosecutor’s Office е независно јавно обвинителство на Европската унија, надлежно за истраги и кривично гонење дела што ги загрозуваат финансиските интереси на ЕУ.







