Американската вселенска агенција НАСА годинава финансира развој на 25 напредни технологии за идни мисии на Марс, меѓу кои и софтвер за автономен лет на дронови, тестиран во екстремни пустински услови на Земјата што најмногу наликуваат на Црвената планета.
Инженери од Jet Propulsion Laboratory (JPL) на почетокот од годинава спроведоа теренски тестирања со три истражувачки дронови во Националниот парк Долината на смртта и во пустината Мохаве во Калифорнија. Целта била да се усоврши навигациски софтвер наречен Extended Robust Aerial Autonomy, осмислен да овозможи сигурно движење над рамни, слабо структуирани терени како марсовските песочни дини, пишува НАСА.
Токму такви предели, како што објаснуваат од НАСА, создадоа сериозни проблеми за навигацијата на хеликоптерот Ingenuity за време на неговите последни летови на Марс, вклучително и 72-иот – последен лет на ова летало.
„Ingenuity беше дизајниран да лета над терени богати со визуелни детали, но на рамни песочни области тоа станува исклучително тешко“, изјави Роланд Брокерс, истражувач во JPL и пилот на дронови. „Идните летала мора да бидат пофлексибилни и подготвени за вакви предизвици.“

Тестирањата се одвивале во екстремни услови, со температури до 45 степени Целзиусови, при што тимовите следеле во реално време како софтверот реагира на различни осветлувања, камери и типови терен. Резултатите веќе даваат насоки за подобро препознавање на подлогата и побезбедно слетување во сложени зони.
Покрај летачките платформи, НАСА тестира и копнени роботи од нова генерација. Во август, тим од Johnson Space Center изврши испитувања во Националниот парк „Белите песоци“ во Ново Мексико со роботот LASSIE-M, четириножно автономно возило дизајнирано да се движи по нестабилен и ризичен терен. Роботот ги прилагодува своите движења врз основа на својствата на површината и може да открива научно интересни подрачја недостапни за класични ровери.
Дополнително, во рамки на програмата за истражување на Марс се развива и летало со крилја – Mars Electric Reusable Flyer, проект на Langley Research Center. За разлика од Ingenuity, овој робот комбинира вертикално полетување со долги хоризонтални летови, овозможувајќи брзо мапирање на големи површини од марсовската површина.
Од НАСА наведуваат дека овие технологии го навестуваат следниот чекор во истражувањето на Марс – свет во кој роботите ќе се движат, одлучуваат и истражуваат самостојно, подготвувајќи терен и за идните човечки мисии.
Редакција Фронтлајн







