Фудбалерот на Борнмут, Антоан Семењо, јасно ставил до знаење дека негов приоритет во јануарскиот преоден рок е трансфер во Манчестер сити, додека Ливерпул се откажал од потенцијален договор вреден 65 милиони фунти, пренесува новинарот на The Athletic, Дејвид Орнштајн.
Според неговите информации, 25-годишниот гански репрезентативец е најбараниот играч во пресрет на јануарскиот трансфер период, а повеќе клубови биле информирани дека може да биде ангажиран поради откупната клаузула во неговиот договор. Покрај Ливерпул, интерес покажале и Тотенхем, Челси и Манчестер јунајтед, но Семењо ја преферира екипата на Пеп Гвардиола, воден од „желбата да освојува трофеи“.
Иако трансферот сè уште не е договорен, Орнштајн наведува дека Манчестер сити со евентуалното ангажирање на Семењо значително би ги зголемил шансите за освојување на титулата во Премиер лигата оваа сезона. Во меѓувреме, новинарот на talkSPORT, Алекс Крук, објави дека Ливерпул „одлучил да не го продолжи интересот уште пред извесно време“, додавајќи дека последниот контакт со играчот бил остварен во ноември.
Ливерпул, според претходните информации, разговарал за личните услови со Семењо, со цел да ја подготви рамката на евентуален договор што би се финализирал во првите две недели од јануари. Сепак, клубот сега може да се насочи кон други решенија или да остане со постојниот офанзивен кадар, и покрај долгорочната повреда на Александер Исак пишува This is Anfield.
Како можни алтернативи претходно беа споменувани Бредли Баркола од Пари Сен Жермен и Родриго од Реал Мадрид, но засега не е познато дали тие повторно ќе бидат разгледувани. Во летниот период било одлучено Ливерпул да не ангажира новo лево крило по продажбата на Луис Дијаз во Баерн Минхен, со цел да не се попречи развојот на младиот Рио Нгумоа.
Сепак, тренерот на Ливерпул, Арне Слот, на прес-конференцијата пред натпреварот со Вулверхемптон објасни дека е внимателен со минутажата на 17-годишниот фудбалер. „Мислам дека тој има најмногу одиграни минути од сите 17-годишници во Премиер лигата. Тоа покажува колку е посебно тоа што веќе го добива“, изјави Слот.
Тој додаде дека минутажата на Нгумоа е показател и за неговиот квалитет, но и за конкуренцијата во тие позиции. „За викендот таа позиција не ми е најголема грижа. Се надевам дека Коди ќе се врати, можеби Федерико и Флоријан ќе можат да играат таму. Ако беше на друга позиција, веројатно ќе имаше уште поголеми шанси“, рече тренерот на Ливерпул.
Редакција Фронтлајн







