Славната актерка Ева Мендес сподели сензитивен божиќен момент кој, без претерување, допре до срцата на илјадници следбеници. Во неодамнешна објава на Инстаграм, придружена со фотографија од нејзиното детство и кратко видео, Мендес искрено проговори за тоа како изгледале Божиќите во нејзиниот дом додека растела.
„Додека растев, немавме многу“, напиша Мендес без улепшување и без патетика. Но приказната не застанува тука. И во години кога парите во домот биле малку, нејзината мајка – која со љубов ја нарекува Мами – секогаш успевала Божиќот да го претвори во нешто посебно. Понекогаш и по цена на сопствената сигурност: актерката откри дека нејзината мајка по секој Божиќ се задолжувала, а потоа некако повторно сè доведувала во ред до следната година.
Објавата ја следи фотографија на малата Ева, насмеана, со кукла во рацете и опкружена со шарени играчки – сцена што наликува на временска капсула од осумдесеттите. Големи пластични подароци, силни бои и топлина што не доаѓа од луксузот, туку од чувството на припадност.
View this post on Instagram
Во видеото, Мендес објаснува дека самиот Божиќ не бил спектакуларен. Нема големи излегувања, нема посебни планови – семејството останувало дома, јадело што останало од божиќниот ручек и го минувало денот мирно. Но мајка ѝ имала мал ритуал што сè менувал. „Секогаш ми оставаше мал подарок крај креветот“, се присетува актерката.
Токму тој гест му давал тежина на утрото. Будењето станувало настан, а споменот траел многу подолго од самиот подарок. Тоа се оние детали што остануваат врежани и кога одамна ќе се заборави што точно било завиткано во хартија.
А потоа дошол подарокот што Ева никогаш не го заборавила – куќичка за Барби од осумдесеттите, во препознатлив стил. Таа била главниот подарок, но вистинското изненадување следело подоцна: внатре имало уште мали подароци. Подарок во подарок. За едно дете – чиста магија. Не само предмет, туку искуство. Додека Мендес со насмевка го раскажува тој момент, јасно е колку длабоко ѝ останал врежан, како почит кон мајчината креативност во време кога средствата биле ограничени, но фантазијата – не.
Таа детска спомен-слика денес силно влијае врз начинот на кој Ева Мендес ги одгледува сопствените деца. Како што признава, и самата се труди да создаде слично чувство на исчекување и приказна околу подароците – не преку скапи работи, туку преку внимателно осмислени моменти.
„Сега се обидувам да направам нешто слично со моите деца, во смисла на создавање спомени“, објаснува таа. Токму во тоа се затвора тивкиот круг на животот – кога сфаќаш дека ги пренесуваш најдобрите делови од сопственото детство, дури и кога околностите денес се поинакви.
Редакција Фронтлајн







