Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на нова детска градинка во Кочани, оценувајќи дека станува збор за објект кој значително ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните, особено на најмладите.
„За мене секогаш претставува задоволство кога се пушта во употреба објект кој додава квалитет во животот на граѓаните. Така е и со овој објект во Кочани“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека градинката има јасна функција и капацитет за згрижување значителен број деца.
Тој потсети дека бил потребен подолг временски период за објектот целосно да биде ставен во функција, но нагласи дека денеска градинката е функционална и исполнета со деца и вработени кои, како што рече, имаат „хумана и одговорна задача“.
Премиерот упати благодарност до градоначалникот на Кочани, заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, општинскиот совет, администрацијата и пратеникот присутен на настанот, за нивниот ангажман и придонес во реализацијата на проектот.
„Се радувам секогаш кога најмладите ќе можат своите најубави детски години да ги поминуваат во современи објекти како што е овој“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи целосно да ги поддржува локалните власти во реализацијата на нивните проекти и приоритети, нагласувајќи дека градоначалниците најдобро ги познаваат потребите на граѓаните во своите општини.
„Како Влада стоиме целосно зад работата на градоначалникот и зад потребите на граѓаните на Општина Кочани“, истакна премиерот.










































































































