И покрај речиси целосната блокада на интернетот и телефонските врски, од Иран и понатаму пристигнуваат видеоснимки и извештаи кои покажуваат дека масовните антирежимски протести продолжуваат и влегоа во 14. ден по ред. Голем број демонстранти повторно излегоа на улиците во повеќе ирански градови, и покрај стравот од жестока репресија.
Според извештаи на организации за човекови права и странски медиуми, режимот значително ја засилил употребата на сила. Досега се пријавени најмалку 65 загинати лица и повеќе од 2.300 уапсени, додека BBC јавува дека болниците во земјата се преполни со ранети демонстранти, од кои многумина со прострелни рани во пределот на главата.
Прогонетиот престолонаследник Реза Пахлави ги повика демонстрантите да ги заземат градските центри и да покренат општ штрајк, порачувајќи дека се подготвува за враќање во земјата. Според опозициски извори, на повиците за протести одговориле милиони граѓани во повеќе делови од Иран.
Врховниот лидер Али Хамнеи во обраќање до јавноста ги обвини „странските сили“ за поттикнување на немирите и упати закани кон демонстрантите. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека „одржувањето на безбедноста и достигнувањата на Исламската револуција“ е црвена линија и најави уште поостри мерки.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предупреди дека САД ќе реагираат доколку иранските власти започнат масовни убиства на демонстрантите, додавајќи дека Вашингтон внимателно го следи развојот на настаните во земјата.
Американски сенатор до Иранците: „Помошта е на пат“
По повторената поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп за антирежимските протести во Иран, дел од американските сенатори најавија можен ангажман на САД. Републиканскиот сенатор Линдзи Греам на социјалните мрежи порача дека „долгата ноќна мора“ на Иранците „наскоро се ближи кон крај“.
TO THE IRANIAN PEOPLE: your long nightmare is soon coming to a close. Your bravery and determination to end your oppression has been noticed by @POTUS and all who love freedom.
When President Trump says Make Iran Great Again, it means the protestors in Iran must prevail over… https://t.co/CapdTrbGhk
— Lindsey Graham (@LindseyGrahamSC) January 10, 2026
Греам наведе дека „храброста и решителноста“ на демонстрантите да го прекинат угнетувањето биле забележани од Трамп и, како што напиша, „од сите што ја сакаат слободата“. Тој додаде дека пораката „Make Iran Great Again“ значи дека протестното движење мора да надвладее над ајатоласите.
Според сенаторот, Трамп „разбира“ дека Иран не може да биде „голема држава“ сè додека ајатоласите и нивните „послушници“ се на власт, а својата порака ја заврши со зборовите: „Помошта е на пат“.
Медиуми: Безбедносните сили пукаат врз демонстранти во Техеран
Безбедносните сили во Иран отвориле оган врз демонстранти во главниот град, јавуваат странски медиуми. Персискиот медиум во егзил Iran International објави видеоснимка за која тврди дека прикажува како припадници на безбедносните сили во саботата навечер пукаат кон протестирачи во населбата Техеранпарс, во источниот дел на Техеран.
Security forces opened fire on protesters in Tehranpars district, east of the capital, on Saturday night, a video obtained by Iran International shows. pic.twitter.com/Ekwz9AHPbk
— Iran International English (@IranIntl_En) January 10, 2026
Во меѓувреме, повеќе учесници на протестите за CNN сведочат за хаотична состојба во болниците и голем број загинати. Иранци кои учествувале во протестите во изминатите денови опишуваат масовна излезеност на граѓани од сите возрасти, но и брутално насилство од страна на безбедносните сили вооружени со воени пушки.
Според нивните изјави, многу лица биле убиени во текот на ноќните судири, а повредените биле носени во повеќе болници, каде владеел целосен хаос. Еден од сведоците раскажал дека помагал на тешко повреден маж со бројни повреди од куршуми и скршена рака.
Една жена за CNN изјавила дека во болница видела „тела натрупани едно врз друго“, додека други сведоци опишале дека бројот на луѓе на улиците бил невиден и дека протестите првично носеле чувство на надеж и солидарност.
Според сведоштвата, атмосферата драстично се променила по телевизиското обраќање на врховниот лидер Али Хамнеи, по што, како што велат демонстрантите, интервенцијата на безбедносните сили станала исклучително насилна.
Редакција Фронтлајн







