Македонскиот кантавтор со меѓународна кариера, Yon Idy, го објави својот нов сингл „Know It Always“, интимна и топла композиција што претставува јасен стилски исчекор и ново поглавје во неговиот авторски израз. Песната излегува во соработка со американската издавачка куќа NVAK Collective, со што Yon продолжува да ја гради својата меѓународна приказна како прв македонски артист потпишан со ваков тип американски лејбл.
„Know It Always“ е песна што зборува за момент на целосна присутност во љубовта – без страв, без сомнеж, со чувство на сигурност и заемност. За разлика од неговите претходни, подраматични и интроспективни изданија, овој сингл носи светлина, смиреност и емоционална чистота, што се чувствува и во лириката и во музичката структура.
„Ова е песна што ја напишав во момент кога бев заљубен и навистина се чувствував сакан. Сакав да го фатам тој миг и да го зачувам засекогаш. За мене, тоа беше и момент на редефинирање на значењето на љубовта“, вели Yon, додавајќи дека чувството додека ја пишувал песната било толку јасно и чисто, што композицијата се создала речиси спонтано.
Лириката на „Know It Always“ е директна, искрена и повторувачка во најдобрата смисла на зборот – како мантра што постојано нè потсетува на силата на љубовта и на нејзината способност да нè држи цврсто, дури и кога сме ранливи. Рефренот „Love you more than words, know it always“ станува емоционално јадро околу кое се гради целата песна.
Продукцијата на синглот е реализирана од Jordan Manov, Aaron Sayre и Levi Evans, имиња со кои Yon веќе воспостави креативна синергија, а кои му даваат на звукот современа, мека и меѓународно конкурентна звучна слика. Минималистичкиот аранжман ѝ остава простор на емоцијата и на вокалот – еден од најпрепознатливите адути на Yon Idy – да дојдат во преден план.
„Know It Always“ воедно го најавува и правецот на претстојниот албум, на кој Yon работи во соработка со NVAK Collective. Иако секоја песна носи своја автономна приказна, самиот артист вели дека тие природно се поврзуваат во едно кохерентно музичко тело, кое го одразува неговиот личен и уметнички раст.
Со овој сингл, Yon Idy уште еднаш потврдува дека неговата музика не се обидува да биде гласна за да биде забележана – туку искрена, а токму во тоа лежи нејзината сила. „Know It Always“ е песна што не се слуша само со ушите, туку и со срцето – и токму затоа лесно наоѓа пат до слушателот.
Yon Idy е кантавтор од Скопје со растечка меѓународна кариера и препознатлив инди-поп израз кој спојува емотивна искреност, фолк чувствителност и современа продукција. Неговиот вокал и авторски пристап често се опишуваат како „светски, а наше“, а инспирацијата ја црпи од артисти како The Beatles, Leonard Cohen, Hozier и Noah Kahan. Во досегашната кариера има настапувано на значајни европски фестивали и showcase-настани, меѓу кои Sunny Hill Festival во Приштина, Live at Heart Showcase Festival во Шведска и So Alive Music Showcase во Бугарија. Во 2022 година беше еден од шесте национални финалисти за изборот на македонски претставник на Евровизија, а паралелно има искуство и како музички водител на национално телевизиско шоу.
Со потпишувањето со американската издавачка куќа NVAK Collective, како и со договорот за синхронизација со њујоршката продукциска куќа The Music Playground, Yon Idy се позиционира како еден од ретките македонски артисти со реален и континуиран меѓународен пробив.







